top of page
ilber ortaylı

Илбер Ортајли

Илбер Ортајли e професор по историја и истакнат турски историчар со меѓународно реноме. Роден е во 1947 г. во бегалски камп во Брегенц, Австрија, во кримско-татарско семејство. На двегодишна возраст со семејството се преселува во Турција. Основното и средното образование ги завршува во Истанбул и Анкара. Во 1969 г. дипломира на Факултетот за политички науки и на Факултетот за јазик, историја и географија при универзитетот во Анкара. Се здобива со образование и на катедрите за славистика и ориенталистика на универзитетот во Виена. Завршува постдипломски студии на универзитетот во Чикаго под менторство на проф. д-р Халил Иналџик, еден од најголемите современи историчари на Турција. Докторира во 1974 г. на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Анкара одбранувајќи ја дисертацијата под наслов Локалните управи по Танзиматот. Пет години подоцна, во 1979 г. со научниот труд Германското влијание во Османлиската Империја го добива звањето доцент.

По оставката што ја дава во 1982 г. поради универзитетската политика на државата, држи предавања и семинари како визитинг професор на универзитетите во Виена, Берлин, Париз, Принстон, Москва, Рим, Минхен, Стразбур, Јанина, Софија, Киел, Кембриџ, Оксфорд и Тунис. Во 1989 г. се враќа во Турција. Во периодот од 1989 до 2002 г. ја врши функцијата на декан на Катедрата за Историја на управата, на Факултетот за политички науки. Во 2002 г. преминува на Универзитетот Галатасарај во Истанбул, а две години подоцна на Универзитетот Билкент во Анкара. Во 2005 г. е назначен за директор на Музејот Топкапи во Истанбул од каде по седумгодишен мандат заминува во пензија. Од 2011 г. е почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Илбер Ортајли е член на управниот одбор на Меѓународниот комитет за османлиски истражувања, член на Европското друштво за иранологија и член на Австриско-турскиот научен форум. Има подготвено повеќе телевизиски програми од областа на историјата на турската државна и другите приватни телевизии. Пишува за разни истакнати турски списанија и постојано е актуелен во турските медиуми. Редовно одржува јавни предавања на кои на народен јазик претставува интересни делови од турската историја.

Во 2001 г. Ортајли ја добива наградата „Ајдин Доан“ од областа на историјата, за целокупното свое творештво, за напорите што ги прави за поттикнување на љубовта кон историјата кај луѓето од сите возрасти и за неговите активности во претставување на турската историја на меѓународен план. Ортајли е носител и на меѓународни награди: во 2006 г. на Медитеранскиот фестивал во Лацио ја добива Наградата „Лацио меѓу Европа и Медитеранот“ од областа на културата и историјата, а веќе наредната година Пушкиновата награда со потпис на претседателот на Русија, Владимир Путин, која се доделува на личности кои го промовираат рускиот јазик и руското културно наследство и придонесуваат за зближување на народите.

Професорот Ортајли е автор на многубројни дела од кои можеме да ги спомнеме следниве: Историја на турската управа (1979), Од традиција кон иднина (1982), Најдолгиот век на Империјата (1983), Страници од Истанбул (1986), Економски и општествени промени во Османлиската Историја (2001), Османлиски мир (2004), Повторно откривање на Османлиите (2006), Европа и ние (2007), Дворецот Топкапи со своите места и настани (2007), По трагите на историјата (2008), Блиската историја на Турција (2010), Портрети од мојата тетратка (2011), Патописот на Илбер Ортајли (2013), Последниот здив на Империјата (2014) и др.

Ортајли е полиглот и зборува течно повеќе светски јазици меѓу кои англиски, француски, италијански и руски, а знае и кримско-татарски, словачки, српски, арапски, персиски, старогрчки и латински.

bottom of page