top of page
cücenoğlu resim.jpg

Тунџер Џуџенолу

Тунџер Џуџенолу e еден од најплодните современи драмски писатели на Турција. Роден е во 1944 г. во градот Чорум. Дипломирал библиотекарство на Факултетот за јазик, историја и географија при Анкарскиот универзитет. Бил на различни должности во Mинистерството за образование на Република Турција, а денес предава драматургија во приватниот конзерваториум „МСМ“.

Во текот на својата плодна и многудецениска кариера напишал повеќе од дваесет дела кои се поставуваат на сцените на турските театри и во странство. Пиестите на Џуџенолу се преведени на англиски, руски, германски, француски, шпански, бугарски, грчки, романски, унгарски, шведски, грузиски, јапонски, кинески, полски, арапски, персиски и на други јазици. Тие денес се прикажуваат на сцените на театрите во повеќе од 40 земји во светот како САД, Франција, Германија, Русија, Грузија, Азербејџан и Узбекистан.

Џуџенолу е добитник на повеќе од дваесет домашни и меѓународни награди. Негови најпознати драми се: „Лавина“, „Јалова работа“, „Учител“, „Женички“, „Матрушка“, „Молер“, „Засолниште за жени“, „Хеликоптер“, „Досие“, „Слепа улица“, „Комарџии“, „Посетител“, „Театарџии“, „Ах да сум сиромав“, „Че Гевара“, „Брут или Убиството на Јулиј Цезар“, „Мојот Мустафа, мојот Кемал“, „Кемал Молскавичниот“ и „Ноќен клуб“.

Делата на Џуџенолу изобилуваат со хумор и сатира со кои тој укажува на недостатоците на поединецот и општеството кои се од универзално значење. Во своите драми тој посветува особено внимание на жената величајќи ја како мајка и сопруга, но истовремено нагласувајќи ја и нејзината подреденост во општеството и прикажувајќи ја како жртва на семејното насилство.

bottom of page